
Сите пет основни училишта во Штип во петок на 30 август ќе ги отворат своите врати за новите првачиња. Со пригодна манифестација која ја организираат самите училишта, првачињата ќе бидат топло пречекани со цел да може да го започнат своето образование. И оваа година како и сите претходни, бројот на запишани првачиња е намален споредбено со претходната година. Овој септември во училишните клупи за првпат ќе седнат околу 400 првачиња, десетина првачиња помалку од лани. Како главна причина поради која се намалува бројот на ученици се наведува иселувањето. Од Општина Штип посочуваат дека сите училишта се подготвени за прием на новите првачиња да го започнат своето идно образование.
„На 30 август ќе биде приемен ден на привачињата во Општина Штип. Сите училишта ќе ги отворат своите врати за сите првачиња кои оваа година го започнуваат својот образоваен процес. Очекуваме некаде околу 400 дечиња да бидат примени во сите пет основни училишта во нашата општина.“ – вели Санева.
И годинава идентично како и лани градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на новите првачиња ќе им подели ранчиња, училишен прибор и маички.
Лаура Стојанова, М-Нет