Градската депонија во Кочани и понатаму гори, граѓаните револтирани бараат под итно решение на проблемот

Градската депонија во Кочани и понатаму останува главен проблем за загаден воздух кој го дишат кочанчани. Неколку дена по ред црн чад се шири, а граѓаните и понатаму реагираат за решавање на проблемот. Најпогодени се жителите од село Бели, но чадот од депонијата може да се забележи и од централното градско подрачје. Со реакции преплавени се и социјалните мрежи, а снимките кои масовно се споделуваат покажуваат дека депонијата гори од сите страни. Зголемено присуство на ПМ 2,5 честичките покажува и мерната станица во Кочани на Министерството за животна средина. За проблемот се запознаени и до КЈП Водовод Кочани. Новата директорка во писмено соопштение за М-Нет телевизија посочи дека во изминатиот период се преземени низа мерки и активности согласно финаниските можности за гасење на депонијата.

„Пред се, се работеше на внесување на отпадот кој беше депониран на самиот влез на Градската депонија од несовесни граѓани, а исто така се работеше на затрупување со земја и вода на жариштата во самата депонија. Во овие активности учествувавме со сопствена механизација и работна сила, а бевме помогнати од страна на Општина Кочани, Територијалната противпожарна единица Кочани, ДПД – Доброволното противпожарно друштво и неколку општествено одговорни компании.“ – стои во одговорот на КЈП Водовод Кочани.

Од таму додаваат дека во тек на распишување е јавната набавка за течен препарат (алги), а предвидена е јавна набавка за одржување на градската депонија со тешка механизација. Тоа значи дека во наредниот период треба да се набават булдужери и багери за решавање на проблемот со депонијата.

Градската депонија во Кочани постојано се пали и гори, а тоа е на штета на граѓаните. Во изминатиот период се реализираа и низа протести, а се собираа и потписи од страна на граѓаните за итна дислокација на оваа депонија.

Лаура Стојанова М-Нет