
Во новата сезона во женскиот фудбал ќе има нова екипа, откако се формираше женскиот фудбалски клуб Башкими Куманово. Интересот за женскиот фудбал во Куманово, но и во Македонија од сезона во сезона се повеќе се зголемува.
Клубот е формиран од страна на Арменд Дестани, кои вели дека со враќањето на Башкими во Втората лига, се врати публиката, но и мотивот кај младите за фудбал. Дестани за М Нет вели дека во Куманово тренираат повеќе од 1.500 деца и млади во сите фудбалски школи, а интерес покрај момчињата покажуваат и девојчињата.
„Пред година и пол почнавме со школа за фудбалерки, а во март годинава клубот и правно се регистрираше, со што очекуваме од септември да започнеме со натпреварување. Целта на клубот е промовирање на вредности, спортски дух посебно фудбалот како најатрактивен спорт кон женската популација. Тимот се состои од млади и перспективни фудбалерки, кои за некоја година ќе бидат врвни спортисти“, вели Дестани за М Нет.
Досега во ЖФК Башкими Куманово се регистрирани над 35 фудбалерки, и бројот на заинтересни девојчиња расте секој ден. Тренер на клубот е Мустафа Исуфи, лиценциран тренер со УЕФА Б лиценца, а годинава клубот ќе се натпреварува во млади категории со цел да стекне искуство, а потоа во сезона 2025/2026 да пријави екипа во Втората женска фудбалска лига во сениорска конкуренција.
Клубот во моментот тренира на помошниот терен на ФК Башкими, а за одигрување на официјалните натпревар се разгледуваат повеќе опции на коj терен истите би се одигрувале.
Александар Ванев, М-Нет