
Во месец септември и октомври во Куманово ќе се одржи еден од најголемите фудбалски турнири на Балканот за млади категории – „Евроспорт Куп“ во организација на ФК Куманово Евроспорт, а на кој учество ќе може да земаат генерациите 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и генерација 2017.
Покрај најсилните фудбалски клубови од Македонија и фудбалски школи, на турнирот учество веќе пријавија големи фудбалски гиганти од Балканот и Европа како Црвена Ѕвезда, Партизан и Чукарички од Србија, турски Бешикташ, Сарајево од Босна и Херцеговина, СЦКА Софија од Бугарија, хрватски Осјек, Академија КХС и Свиги од Малта, а во финална фаза се преговорите за учество на големите гиганти како Депортиво Ла Коруња од Шпанија, Торино и Рома од Италија, како и Порто од Португалија.
Во период од 20. до 22. септември ќе настапуваат генерациите 2012, 2014 и 2016 додека од 4. до 6. октомври генерациите од 2013, 2015 и 2017.
Организатор на овој голем Меѓународен фудбалски турнир „Евроспорт Куп 2024“ е фудбалскиот клуб Куманово Еуроспорт од Куманово, а и понатаму е отворена поканата за сите клубови од Македонија и пошироко, екипа може да се пријави на 075/427-388.
Колку за потсетување ФК Куманово Еуроспорт по повод 20 години од основањето годинава организираше голем Меѓународен турнир, а на кој учество покрај домаќинот и организатор земаа и Депортиво Ла Коруња, Бриње Гросупље, Бершот, Црвена Ѕвезда, ЦСКА Софија, Малта и Сарајево, а натпреварите од истиот можевте да ги следите во живо на телевизија М Нет.
Со ова уште еднаш се потврдуваат големите заложби на ФК Куманово Евроспорт за организирање на голем европски турнир, каде на едно место во Македонија ќе се соберат најдобрите екипи од Македонија со големи европски гиганти.
Александар Ванев, М-Нет