Каков ќе биде изгледот на Првата женска фудбалска лига?

ФОТО: Телевизија М Нет

Во новата сезона 2024/2025 во Првата женска фудбалска ќе се натпреваруваат десет екипи, а оваа сезона ќе има поголема неизвесност околу првото место и излезот во Европа.

Од минатата сезона само една нова екипа ќе има а тоа е повратникот Атлетико, кој со максимален број на победи како шампион во Втората лига се врати во елитата. Во баражот екипата на Топ Гол беше убедлива против второлигашот Вардар и со тоа се избори за опстанок во фудбалската елита на Македонија во женска конкуренција.

Бранител на титулата ќе биде Љуботен од Тетово, а ќе се натпреваруваат и вицешампионот Каменица Саса, Тиверија која во новата сезона ќе настапува како Брера Тиверија, Скопје, Истатов, Речица, струшки Ас Јунајтед и екипата на Шкендија од Тетово.

Во новата сезона неизвесноста ќе биде многу поголема. Љуботен, Каменица Саса, Ас Јунајтед и Брера Тиверија имаат отворени амбиции да го напаѓаат првото место и излезот во Европа, но тука дефинитивно ќе се вмеша и екипата на Скопје во борбата за висок пласман. Тоа ќе значи дека во новата сезона се очекува поголема конкуренција и неизвесност за првото место, но и за Купот на Македонија кај жените.

Минатата сезона до последно се бореа Љуботен и Каменица Саса за освојување на шампионскиот пехар, а овие две екипи се соочи и во големото финале од Купот на Македонија.

По влезот на Брера Холдинг во Тиверија, струмичкиот прволигаш најавува атак на првото место и со тоа да си обезбеди „виза“ за излез во Европа.

Александар Ванев, М-Нет