Мостот на саканите во село Истибања, денес е претпознатлив во знак на љубовта

Мостот на историјата, обредите и културата. Место кое е сведок на многубројните свадби, војни и традиции. Истибања е село кое е единствен поврзник со источните градови Македонска Каменица, Делчево, Берово и Пехчево, а некогаш овој правец водел точно низ овој мост, кој сега е стар, но поткрепен и наречен „Мостот на саканите“

“Ние се наоѓаме точно на средината на реката Брегалница, од самиот извор, до влевањето во реката Вардар, точно на ова место мостот Брегалнички, кој што е по самата конструкција е единствен, уникатен. Интересно е што фактот дека мостот бил на времето единствено поврзување кога се одело накај Делчево и накај Берово, токму од овој кој е стар пат.

За време на втората светска војна два пати е разрушуван од фашистите, додека последниот пат при повлекувањето на германците, го разрушиле мостот, а нашите партизани почнале да заробуваат германци и инжинери, да заробуваат војници и така мостот е изграден од германски инжинери, што денес е самиот мост овде.“- истакна Митковски

Мостот не само што е значаен од историски аспект, тој сега е поврзница на луѓето со нивната љубов спрема човекот и татковината, па затоа тој сега приредува нови обредни практики.

„Пред неколку години по идејата на истибанци е направено да мостот има место за нарека „Мост на саканите“, но тоа не е мост на вљубените, како кај други места, туку мост на саканите, а сакањето може да биде спрема татковината, мајката, таткото и тука секој оној кој сака да дојде ќе си замисли сакање спрема некого, кога ќе го заклучи катанецот и ќе го фрли клучот во реката Брегалница и така останува како мост на саканите, претпознатлив. За време на Истибанско здравоживо сите учесници доаѓаат на мостот и го прават овој ритуал со самите катанци.“-додава Митковски

Многу одамна, тука се случувале многу интересни мигови, кој се сместени во кофчезите на традицијата, ама сега тоа е минато. Од фрлањето венци на пролетните празници, па се до есенските свадби, овој мост е во сеќавање и денес на овдешното население.

“Порано, тука се фрлало венчиња од страна на девојките, на празници разни, замислувале желби, венчавни ритуали имало, но тоа веќе не постои помеѓу народот и тука во реката Брегалница порано во понеделникот, невестата се водеше на вода, што во реката Брегалница ги бањаа кумот, старејкото и деверот, за да бидат здрави и живи младоженците и тоа е како ритуал што порано се одржуваше токму под мостот на реката Брегалница.“ -истакна Митковски

Истибања е село сместено во подножјето на осоговските планини и се наоѓа во виничко-кочанската котлина. Според пописот во 2021 година овдешното население брои околу 897 жители од кои се истакнале и еден влав, двајца роми и еден албанец.

Лаура Стојанова, М-Нет