Онлајн настава или настава со физичко присуство во учебната 2020/2021 ??

Неизвесноста која со појавата на корона вирусот настапи со завршувањето на учебната 2019/2020 година за сите што се вклучени во образовниот процес, а поврзано со тоа на кој начин ќе се одвива наставата во наредната учебна година ќе трае до 12.август. Mnet.mk дознава дека точни информации за оваа проблематика ќе има кога ќе заврши колективниот одмор на образовниот кадар.

Во изминатиот период заменик министерката на МОН Елизабета Наумовска остваруваше средби со директорите на основните и средни училишта, а по сумирањето на идеите и предлозите, од министерството ќе излезат со известување за тоа на кој начин ќе се одвива наставата.

Во меѓувреме, во тек е и онлајн анкетата со родителите.

Што се однесува до основните училишта, тоа што е најважно е како ќе се реализира наставната програма во учебната 2020/2021 година за првоодделенците. Според директорите, за првоодделенците најважно е тоа да биде со физичко присуство, за што ќе биде потребна реорганизација на наставниот кадар. Останатите учениците кои имаат услови, интернет и компјутер, би следеле настава од дома, а за оние кои немаат, наставата би се реализирала со физичко присуство.

За средните училишта, пред се` за оние каде има практична настава една од опцијата за физичко присуство е да се редуцира бројот на учениците, со тоа што би имале скратена настава во повеќе смени.

Едно од таквите училишта во Штип е СОУ „Коле Нехтенин“. Од директорот Дејан Павлов, дознаваме дека токму таква идеја предложил на средбата со заменик министерката. Конкретно, да има комбиниран начин за настава, за предметите каде има практична настава,  физичкото присуство на учениците би било редуцирано.

За општо-образовните предмети, наставата би се изведувала онлајн.

За тоа кои предлози ќе бидат најефективни и прифатени од ресорното министерство, учениците и нивните родители ќе бидат дополнително известени во текот на месец август, за учебната 2020/2021 година да не биде исполнета со непредвидени изненадувања.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ