Детонит загуби од Трајал, Пелистер убедлив против Новаци, реми на Башкими и Силекс, пораз на Воска

ФОТО: Александар Ванев | М Нет телевизија

Македонските прволигаши и второлигаши продолжуваат со одигрување на пријателски натпревари. Вчера на Градскиот стадион во Пехчево беше одигран пријателски меч меѓу српскиот второлигаш Трајал од Крушевац и Детонит Плачковица.

За радовишани ова беше прв тест со што ги започнуваат пријателските натпревари преку кои ќе се темпира формата за новата сезона.

Натпреварот заврши со убедлив триумф за српскиот тим кој со 4:0 го совлада Детонит Плачковица. Стевиќ беше стрелец на два гола во првиот дел за 2:0 на полувреме, а одлична шанса имаше Ристиќ кој од слободен удар биеше во голот на радовишани, но Георгиев беше сигурен на голот. Во последните секунди на првиот дел Мирчевски нафрли одлична топка од слободен удар, но Таипи не ја закачи најдобро топката со глава со цел да ја смести топката во противничката мрежа.

Иван Варадиновски за вториот дел се одлучи за менување во целост, сите играчи беа извадени и заменете, а Трајал менуваше етапно со цел сите играчи да добијат шанса на теренот. Војиновиќ во 69. минута погоди за 0:3, а Весиќ ги постави конечните 0:4.

Новиот прволигаш Пелистер со убедливи 5:0 го декласираше Новаци на пријателски меч кој се одигра во Битола. Стрелци за битолскиот прволигаш беа Ивановски, Масевски, Керим, а пак Спирковски беше двоен стрелец на тестот со второлигашот Новаци.

Сите пет погодоци беа постигнати во вториот дел од натпреварот, а на полувреме резултатот беше 0:0.

Второлигашот Башкими ремизираше на тестот со кратовскиот прволигаш Силекс, откако мечот заврши со по еден гол односно 1:1.

За екипата на Башкими стрелец на погодокот беше Ардит Демири, а пак за прволигашот од Кратово голот го постигна Марко Ѓорѓиевски.

Вчера Воска Спорт одигра меѓународен пријателски натпревар со екипата на Елбасан од Албанија, кој заврши со минимални 0:1 за албанскиот тим.

Продолжуваат пријателските натпревари на македонските прволигаши и второлигаши преку кои ја темпираат формата за новата сезона од Првата односно Втората македонска фудбалска лига која треба да започне во средината од месец август.

Александар Ванев, М-Нет