
Овој викенд пливачите Методи Георгиев и Ивона Наумова од Штип постигнаа големи успеси. Георгиев забележа голем успех на Меѓународниот пливачки митинг „Montenegro Open 2024“ во Подгорица, Црна Гора, каде постави личен рекорд на 200 метри делфин и го освои високото четврто место.
Овој успех на Георгиев добива на тежина со оглед на тоа дека на овој пливачки митинг во Подгорица, учествуваа 420 пливачи од Албанија, Азербејџан, Косово, Босна и Херцеговина, Полска, Србија, Словенија, дел од репрезентацијата на Турција, Германија, Соединети Американски Држави, Црна Гора и Македонија.
Пред заминувањето за Црна Гора, младиот пливач даде изјава за телевизија М Нет каде истакна дека максимално подготвен и мотивиран заминува во Подгорица за уште еден голем успех, откако претходно го освои сребрениот медал на Меѓународниот пливачки митинг во Босна и Херцеговина.
Штипјанката Ивона Наумова освои бронзен медал на пливачкиот мартон „Преспа 2024“, откако успешно го исплива четвртиот пливачки маратон на Преспанското Езеро на трката од 2,5 километри и го освои третото место.
Инаку, на пливачкиот маратон „Преспа 2024“ имаше две трки, детска трка од 600 метри и маратон трка од 2,5 километри, каде што настапи штипјанката Ивона Наумова.
Георгиев и Наумова се членови на Пливачкиот спортски клуб „Челични“ од Штип.
Александар Ванев, М-Нет