Нанесувањето фактор на кожата за заштита од сонцето, го спречува ризикот за појава на кожни болести и рак

Жешкото време, движењето и изложувањата на сонце во летниот период може да се резултира со затнати пори, изгореници и темни дамки. Колку е важна негата на кожата во летниот период и што е потребно да се користи, поразговараме со д-р Драган Јанев. Потребно е хидрирање и престојување во климатизирани простории вели тој и согласен е дека е потребно добра заштита, за да не настанат несакани последици.

„Ние како матични лекари ги советуваме нашите пациенти во овие екстремно топли бранови да седам дома во климатизирани простори, поради тоа што температурите надвор не само што се доста високи, туку имаме големо влијание на тие штетни UV A и UV B зраци, кој што достигнуваат индекс од девет до десет. Поради тоа се препорачува од 11 претпладне до 18 часот попладне, ако немаат потреба да бидат домашни во климатизирани услови. Да се хидрираат често, бидејќи се губи доволно течност при потењето и доколку треба да се дојде на лекар за некоја рутинска работа ние препорачуваме тоа да биде преку телефон. “- вели д-р Јанев

Колку е поголема бројката на факторот, толку подолго ќе ја штити кожата од UV зраците, вели д-р Јанев и апелира нанесување на истиот при одење дури и до продавница.

„Се препорачува дури и за секојдневна, па и до обично одење до маркет да се става заштитен фактор. Заштитните фактори ги имаме разни од 20, 30, 50 па се до 70 и тоа значи дека колку е поголема бројката на факторот, толку по долго време штити од штетното дејство на овие UV зраци. Доколку луѓето не излегуваат заштитени со овие фактори, интегритетот на кожата се руши и доаѓа до голема шанса за добивање на некој кожни болести.“ – додава Јанев

Заштините креми вообичаено се густи со цел да навлезат во самата кожа, а колку подлабоко пенетрираат, толку подобро ја штитат истата од самите зраци.

„Тие креми кои што содржат заштита против UV фактори се вообичаено малку по густи и вискозни и заради тоа знаат да навлезат во самата кожа. Колку по длабоко пенетрираат, толку по добро ја штитат истата. И со тоа да ја заштитат кожата од претерано горење, создавање на народски познато плуски што се полнат со вода.“ – додава Јанев

Најчесто изгорениците се подобруваат сами по себе, како што одминуваат деновите, но треба да се побара лекарска помош ако треската, главоболката и болката на изгореното место се зголемуваат. Мора да се има во предвид дека изгорениците го зголемуваат ризикот од рак на кожата.

Лаура Стојанова, М-Нет