Утре се игра баражот меѓу Радовиш и Еурофарм Пелистер 2 за ракометната Суперлига

ФОТО: Телевизија М Нет

Утре ќе се одлучува кој ќе биде последниот тим кој ќе настапува во ракометната Суперлига за следната сезона. Радовиш и Еурофарм Пелистер 2 ќе се соочат во баражот кој води кон ракометната елита на Македонија.

Младите пелистерци ќе се борат да го сочуваат суперлигашкиот статут и следната сезона да се натпреваруваат во Суперлигата, додека пак Радовиш кој по една деценија во Суперлигата лани испадна од елитата и оваа година го освои второто место во Првата лига, има можност експресно да се врати во друштвото на најдобрите.

Виктор Андонов и Стојанче Јовановски ќе бидат судиската двојка која ќе ја дели правдата на баражот, а пак делегати ќе бидат Камер Металари и Бобан Мајнов.

Баражот меѓу Радовиш и Еурофарм Пелистер 2 ќе се игра во салата во Автокоманда во Скопје, утре од 16 часот.

Александар Ванев, М-Нет