
Штип е домаќин на завршницата од одбојкарскиот Куп на Македонија, три дена во Спортската сала „Јордан Мијалков“ ќе се играат натпреварите од Купот во машка и женска конкуренција.
Одбојкарките на Штип УГД испишаа историја откако обезбедија за првпат финале од Купот на Македонија каде ќе се борат за првпат да го освојат трофејот на Купот. Во „Јордан Мијалков“ штипските одбојкарки беа доминантни и во целост го надиграа Работнички за убедлива победа од 0:3 во сетови (23:25, 20:25 и 18:25).
Работнички на овој меч можеби имаше фаворитската улога бидејќи и на првенствената табела е подобро позициониран, но во изјавата за телевизија М Нет тренерот на Штип УГД, Кристијан Ристевски, рече дека домашниот терен, поддршката од домашната публика може да биде пресвртница и голема предност за нив со цел да дојдат до триумф над Работнички и да се пласираат во големото финале.
Синоќа во вториот меч бранителот Струмица 47&72 лесно ја преслуша Лирија и обезбеди ново финале, каде против Штип УГД ќе ја брани титулата.
Струмичани беа убедливи со 3:0 по сетови 25-14, 25-20 и 25-16. Струмица сака седма титула по ред во Купот на Македонија.
Големото финале од 31. издание на Купот на Македонија во одбојка е закажано за недела со почеток од 15 часот во Спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип.
Александар Ванев, М-Нет