Утре се слави големиот христијански празник Прочка

Утре православните христијани слават еден од најголемите празници односно Прочка. Прочка или Велики поклади – ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на велигденскиот пост. Прочка е подвижен празник датата му се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето. Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

„Оваа седмица се нарекува проштална седмина, бидејќи не само во недела на денот кога е Прочка туку целата оваа седмица ни е посветена и ни е даден период да се извиниме, да се помириме со сите оние коишто сме им згрешиле, за радосно и во мир почнеме со великите постои. Не можеме да очекуваме простување од Бога ако ние не се измириме и не простиме на нашиот ближен како што се вели и во самата молитва.“ – вели Арсовски.

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

Лаура Стојанова М-Нет