
Борецот за трикафта од Берово, Игор Пехчевски, денеска го доби лекот. На својот фејсбук профил објави дека денеска неговиот сон станал реалност со примањето на долгоочекуваниот и револуционерен лек трикафта. Во своето обраќање Пехчевски рече дека ЦФ почнува да значи целосно функционални, наместо да значи цистична фиброза.
Пехчевски веќе долго време се бори да го добие лекот трикафта, па како што вели, макотрпната и долга борба конечно вродила со плод.
На почетокот на годинава 18-годишно момче и 16-годишно девојче со цистична фиброза почнаа да ја примаат модулаторната терапија позната како „трикафта“. А две пациентки лекот го примија и на крајот на минатата година. Сите пациенти кои месецов добиваат терапија се во првата група на лица со цистична фиброза според тежината на болеста, велат од Министерството за здравство, а проценката ја има направено работна група формирана од Министерството. На листата има 55 пациенти со цистична фиброза над 12 години, кои треба да се на терапија, а кои ќе бидат постепено вклучувани во текот на оваа годна според тежината на болеста. Од Министерството додаваат дека листата ја има направено стручна комисија по направени медицински прегледи на сите пациенти и со бодирање.
Пехчевски посака сите негови соборци што поскоро да го добијат лекот. Од Министерството, пак, потенцираат дека лекот „трикафта“ е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција, брз е, значителен и одржлив.
Ребека Спасова М-Нет