
Веќе 59 години, прво како ученички, а потоа и како студентски дом опстојува Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во Штип. Денеска овозможува престој и учење за нешто помалку од 300 студенти и ученици, бројка која се пополнува секоја година. Државната институција по повод 59 години од основањето го одбележа својот патронен празник, а во оваа прилика директорот, Јордан Насев, посочи на развојниот период кој го имала оваа институција уште од самото основање.
„Во 1965 година е основан како институција токму во оваа зграда, значи, повеќе од 50 години опстојува. Во првиот дел, до 2007 година, оваа институција работи како ученички дом, а со Одлука на Влада во 2007 година се пререгистрира како студентски дом. Денес овој Студентски дом згрижува околу 100 студенти и 180 ученици, за сите оние ученици и студенти коишто студираат односно учат во Штип, а се со место на живеење надвор од Штип е место коешто овозможува престој, учење, школување и други дополнителни дејности“, рече Насев.
Патрониот празник денеска беше одбележан со низа активности, меѓу кои крводарителска акција и културно-забавна манифестација, на која свои изведби имаа ученици и студенти од штипските училишта и Универзитетот, а кои престојуваат во Државниот студентски дом.
„Во моментот тече крводарителска акција, од 09:00 до 15:00 часот, за студентите, учениците, вработените, како и надворешни лица коишто сакаат да даруваат крв. Паралелно со оваа активност имаме културно-забавна манифестација, во рамки на којашто интерпретации имаат наши ученици и студенти, а се повикани и сите директори на институции на локално и регионално ниво“, вели Насев.
Државниот студентски дом ги подобрува условите, вели директорот Насев. Минатото лето овде се вршеа активности со кои се подобри внатрешноста на објектот, а за поправки, корекции и подобрувања беше искористен и зимскиот распуст. Годинава ги доби и одобренијата за реконструкција и поставување фотоволтаични панели.
Ребека Спасова М-Нет