Пожарникарите во Берово гаснеле запалена куќа, сопственикот со изгореници во болница

Повеќе од еден час пожарникарите од Берово интервенирале на запалена куќа, при што сопственикот со изгореници бил префрлен во Здравствениот дом во Берово. Од ЦУК информираат дека интервенирале четири пожарникари со две проптивпожарни возила.

„Пожарникарите од Берово, вчера, во период од 22:55 до 00:30 часот со 2 ПП возила и 4 Пожарникари интервенирале на запалена куќа во градот Берово. Во пожарот едно лице се здобило со повреди (изгореници) и истото е пренесено во Здравен дом Берово. Инаку, во последното деноноќие, имало извештаи дека речиси секаде пожарникарите имале помали интервенции, што најчесто значи дека имало гаснење пожари на отворено. При оваа прилика се посочува за две работи: да се слушаат препораките на пожарникарите, да не се палат отпадоци на отворено, бидејќи тоа го намалува квалитетот на амбиентлниот воздух и истовремено апелираме за внимателност при прошетките во прекрасната природа на повисоките места и планините во нашата држава, бидејќи при вакви зимски услови со снег и мраз е лизгаво, особено на осоите“, информираат од ЦУК.

Настанот е пријавен и во полициска станица. Од СВР Штип инфомираат дека кај нив пријавата пристигнала нешто по 23 часот.

На 22.01.2024 околу 23.04 часот во Полициската станица Берово било пријавено дека на ул.„23 Август“ во Берово настанал пожар во куќата сопственост на С.Ч.(48) од Берово. Притоа, со повреди се здобил сопственикот, кој бил пренесен во Здравствен дом Берово за укажување помош. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Берово. Увид извршила екипа од Полициската станица Берово.

Инаку, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.763 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 40,22%, а 59,78% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62,59%, кон Итната медицинска помош 32,01%, кон пожарникарите 2,52%, а кон АМСМ 0,36% од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Лаура Стојанова М-Нет