
Дедо Мраз кај дечињата од ДСУ „Искра“ дојде со штипскиот градски превоз. Учениците во ова училиште во еден глас ги пееја песните во градскиот автобус, а Дедо Мраз на секој еден од нив му подели пакетче. За оваа цел ЈП „Стипион“ подготви вкупно 55 новогодишни пакетчиња, кои го развеселија денот и донесоа широки насмевки кај учениците од ДСУ „Искра“.
„Оваа година Дедо Мраз наместо со својата санка, реши да нѐ изненади и да нѐ посети со новогодишниот автобус на општинскиот линиски превоз. Мора да признаам дека учениците и децата се нашите најмили патници, тие се носители на радоста и на новогодишната магија, затоа решивме да ги изненадиме. За почеток сме во ДСУ „Искра“, од каде што ќе ги земеме учениците, ќе се повозат со општинскиот превоз, ќе поделиме пакетчиња и се надеваме дека ќе предизвикаме радост и топли насмевки кај нив“, рече директорот Стефановски.
Вкупно 500 пакетчиња беа подготвени и за учениците од основните и средните училишта на територија на Штип. Екипи од ЈП „Стипион“ и директорот Стефановски ги поделија на секоја од линиите кои превезуваат ученици. Со овој симболичен гест, вели Стефановски, се честитаат празниците на сите штипјани, но и се мотивираат да го користат општинскиот линиски превоз.
„Сакам да ја искористам оваа можност, од името на Јавното претпријатие „Стипион“ да им ги честитам новогодишните празници на сите граѓани на Штип, да им посакам здравје, љубов и радости, мир, хармонија и благосостојба во домовите“, порача Стефановски.
Автобусите во Штип деновиве се во новогодишно руво со дедомразовска капа и брада и ги развеселуваат штипските улици.
Ребека Спасова М-Нет