
Возила пресретнувачи за првпат кај нас ќе бидат ставени во функција. Две возила опремени со системот ПолКам, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење денеска доби Министерството за внатрешни работи од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Системот е незаменлив при документирање на сообраќајни прекроци како што се: минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената, непрописно престигнување и други прекршоци, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата.
„Продолжува успешната соработка помеѓу РСБСП и МВР со заедничка цел унапредување на безбедноста во сообраќајот. Возилата имаат огромна предност во однос на стационарните уреди за евидентирање на прекршоци, а компонентата на мобилност е клучна за целосна покриеност од сообраќајната полиција во насока на превентивно и репресивно делување на терен во сообраќајот, а се со цел сериозно намалување на сообраќајни незгоди, особено со тешки последици.“ – рече Кожуваровска.
Уредот овозможува видео запис од 25 фотографии во секунда, мапа на којашто се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци. Интегрираните уреди се од полската компанија PolCam кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видео записи од сторените прекршоци. Бележаните видео записи се складираат во хард диск кој е поставен во задниот дел од возилата и истите подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции. Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок.
Ребека Спасова М-Нет