
Рекордни 62 милиони евра собрани преку патарините годинава од македонскиот народ. Јавното претпријатие за државни патишта неколку години наназад има континуиран пораст, а годинава е наплатено двојно повеќе пари за патарини споредено со претходно. Порастот на средствата се должи на цените на патарините, но и на воведувањето нови патарини, особено кај Штип и Свети Николе, кои изнесуваат 50 денари и 70 денари. Но директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, вели дека е горд што имаме модерна и современа наплата.
„Особено сум горд што од наплатна служба направивме синоним на модерна, електронска и современа наплата на патарина која нуди професионална и квалитетна услуга, сѐ со цел да овозможимe брз и безбеден проток на сообраќајот. Истовремено, сакам да се заблагодарам на сите вработени на наплатните станици кои со својата професионална и посветена работа помогнаа заедно да ја постигнеме посакуваната цел“, вели Рустеми.
Во 2020 од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 од над 46 милиони евра, а во 2022 година износот е над 53 милиони евра и годинава ќе се заврши со 62 милиони евра. Зголемувањето на приходите од патарина е 100% за разлика од пред три години.
Рустеми во годишниот отчет вели дека имаат и голем број капитални проекти, а се започнало и со модернизирање на наплатните пунктови во Коридорот 8, Глумово и Желино, каде ќе биде инсталирано и електронско фактурирање.
Ребека Спасова М-Нет