Вкупно 15 ученици ќе добијат стипендија од Општина Штип, а од нив тројца и награда од 30.000 денари

Само 15 од вкупно 44 апликанти ги исполниле условите на распишаниот јавен повик за доделување стипендии и награди за талентирани ученици од страна на Општина Штип. Согласно со изготвената ранг листа, првите тројца ќе добиваат стипендија од 3.000 денари, следните тројца ќе добијат стипендија во износ од 2.500 денари, а останатите деветмина добиваат по 2.000 денари, сите во времетраење од 12 месеца. Истовремено, само тројца од сите 15 ќе добијат и еднократна парична помош во висина од 30.000 денари.

„Комисијата се состана двапати и ги разгледа поднесените апликации од страна на учениците од основните и средните училишта на територија на општина Штип за постигнатите резултати во учебната 2023/2024. Наградувањето се одвива согласно со Правилникот донесен од страна на советниците од Советот на Општина Штип. Од 44 апликации, условите ги исполнуваат само 15 ученици. Формирана е ранг-листа која денеска поминува на седницата на Советот на Општина Штип.“ – истакна претседателката Горачинова-Илиева.

Стипендијата ја добиваат ученици кои постигнале резултати на државно и меѓународно ниво за наставните предмети кои се изучуваат, додека еднократната парична награда се доделува на ученици кои постигнале резултати на државни и меѓународни натпревари, каде имало учесници од над десет држави. Градоначалникот на Општина Штип ќе ги потпише договорите со ученциите со што и официјално ќе им биде доделена паричната поддршка за талентирани ученици.

Ребека Спасова М-Нет