Пензионерите во вторник пред Собрание, ќе бараат да влезат и да зборуваат на говорница

Пензионерите во вторник заминуваат на протест пред Собрание. Старите чевли ќе ги остават таму пренесувајќи симболична порака дека ги искинале протестирајќи по улици за достојни пензии. Пред Собранието ќе се повикаат пратениците да им дадат поддршка, но и ќе бараат делегација од 23 пензионери да влезе во Собранието и барањата да ги постави на говорница. На враќање ќе се упатат и кон просториите на Здружението на пензионерите колку да ѝ ја пренесат пораката дека не се откажуваат.

„Затоа ќе ве замолам, овојпат нема да бидеме масовни од секој град, туку на симболичен начин имаме комбе и одиме до Собранието. Сите заедно од цела Македонија со домаќините скопјани секој од вас може да си земе некои стари патики, влечки, сандали за да им ги оставиме таму. Тоа е знак дека ги искинавме нашите обувки за ова одење по улици“, вели Соња Арсовска, претседателка на Иницијативен одбор – Штип.

Пензионерите ќе го повторат своето барање за линеарно покачување, но и ќе го искажат своето незадоволство од деветтиот пакет антикризни мерки. Посочија дека ваучерите со различни висини се дискриминација и поделба на пензионерите по групи, што го нема, на пример, во Србија.

„Па тоа е на некој начин поделба на пензионерите и тоа се дава само на ниските категории и испаѓа дека ние сме две групи. Затоа бараме линеарно покачување за сите пензионери, да нема вакви делби, затоа што сите ние сме плаќале во Фондот, сите сме работеле кој колку стаж имаме, сме го плаќале тој стаж, а сега испаѓа дека на овие со повисоки пензии не им се доделува никаква парична помош, а на овие со пониски има помош. Пример, во Србија веќе имаат дадено 170 евра на сите пензионери и покачувањето е 20% на сите пензионери“, вели Трајче Станојков, Иницијативен одбор на пензионери – Свети Николе.

Протестот во Скопје пензионерите го одложуваа двапати, првиот пат заради министерскиот совет на ОБСЕ, а вториот пат заради страотниот настан кој ја потресе државата.

Ребека Спасова М-Нет