Ќе замине ли во историјата комплексот „печурки“ во Штип – препирки меѓу власта и опозицијата

Местото викано „Печурки“ во Штип ќе замине во историјата, посочија денеска на прес конференција од советничката група на СДСМ и коалицијата. Од таму велат дека Јорданов на дуќанџиите прво им ветувал дека ќе се изнајде решение за нивните објекти, а денеска го зададе последниот удар со електронска лицитација за продажба на оваа парцела.

„Со ова тој покажа дека ниту има слух, ниту има желба да разговара со жителите и трговците од овој дел од градот и дека не сака да ги слушне нивните сугестии. Јорданов без да направи анализа на инфраструктурата во овој дел од градот денес го задава последниот удар со што комплексот „Печурки“ ќе замине во историјата. Дали Јорданов работи само за нечии бизнис интереси, а не за своите граѓани. Дури и самата објава за лицитацијата беше нејасна и нелогична поради што беше трипати менувана. “ – велат од советничката група на СДСМ и коалицијата.

Партијата која го уништи Штип сега се обидува преку прес конференции да добие со дневнополитички поени – вратија од кабинетот на градоначалникот.

По кој знае кој пат, партијата која што практично го уништи Штип, повторно со лаги се обидува да добие дневнополитички поени, но и самите се свесни дека веќе се прочитани од народот и нивните манипулации повеќе не поминуваат. Да се грижеа за градот како што лажно се претставуваат, ќе се ангажираа да се заврши клиничката болница, затворениот базен, па дури и некои од другите работи кои самите ги ветуваа како што е жичарата на Исарот и аква паркот на Суитлакот. Затоа време е да престанат да го замајуваат народот и наместо безсмислени прес конференции да објаснат зошто од 15 милиони евра издвоени за реализации на проекти во општините, Општина Штип нема да добие ниту денар. Дали затоа што многу се грижат за градот, или пак ги казнуваат штипјани затоа што повеќе не им веруваат на лагите“ – стои во писмениот одоговорот од Општина Штип.

Лаура Стојанова М-Нет