Од 300 литри благо вино – 50 литри маџун, Орце од с. Теранци прави и вино и ракија

Црвено вино, ракија и маџун Орце Митров од село Теранци овие производи ги нуди на граѓаните на пазарот во село Облешево. Домашно подготвени од сопствено грозје, Митров вели дека колку повеќе време минува толку повеќе виното и ракијата се добри. Годинава производството е преполовено оти грозје имаше помалку, но сепак Митров вели задоволително е и граѓаните купуваат.

„Од грозје, имам два хектари лозје оваа година приходо беше помалку од пола, слаб приход ама сепак има производство. За квалитетно вино да се произведе потребно е да помине повеќе од една година, ама нашето вино сега е два ипол месеци. Веќе се пие виното, ама за да биде како што треба треба да помине барем една година.“ – вели Митров.

Кога е во прашање маџунот потребно е повеќе време за да се подготви истиот. Се продава по цена од 250 денари и граѓаните кои знаат за што се користи го бараат и купуваат. Во зависност од година зависи дали и колку е исплатливо да се прави и продава маџун. Согласно временските услови зависи дали ќе бидете во добивка или во загуба.

„Мене ме знаат половин Македонија, купуват граѓаните. Виното го продаваме 100 денари, ракијата 200 денари, маџунот 250 денари мала тегличка. Маџунот се вари 22 саати, од 300 литри благо вино изпадна 50 литри маџун.“ – вели Митров.

Маџунот уште е наречен и гроздов слад, и е специјалитет добро познат на нашите предци, како по својот оригинален вкус и арома, така и по благотворното дејство врз човековото здравје. Во минатото, нашите баби и дедовци немале шеќер во изобилство како денес, бидејќи бил прилично скап, па слатките и колачите ги подготвувале со маџун. Маџунот го правеле од бели и црвени сорти грозје, но ги избирале оние поблагите, од кои се добивало многу повеќе маџун. Колку верувале во неговата лековитост, зборува фактот дека со маџун ги хранеле и бебињата, а денес науката овој начин на исхрана го докажа како исклучително здрав.

Лаура Стојанова М-Нет