
Трката „Струмина трејл“ годинава ќе се одржи по деветти пат. Рекорден број од над 230 учесници, в недела ќе трчаат на добропознатата патека. Учесниците се од различни градови и различни возрасти. Иако се најавени ниски температури и студен ветар, сепак се очекува успешна трка и се препорачува учесниците да понесат топла и соодветна облека за пресоблекување. На крајот од трката учесниците ќе се стоплат со чај и чорба.
„Рутата по која ќе се трча ќе опфати некои познати места коишто се надвор од Штип, по штипските ридови. Стартот е од Средното медицинско училиште, потоа ќе се оди кон ридот Клисе баир, Ѓупски рид, во селото Липов дол, покрај чешмата Љупчова, Струмина и крајот е повторно кај Средното училиште. Оваа година имаме рекорден број пријавени учесници, над 230“, вели организаторот Жикица Ивановски.
Патеката ќе биде измаркирана, на деловите каде има остри свртувања ќе биде поставена попречна лента, а на неколку клучни места ќе има насочувач. За најуспешните ќе следуваат и соодветни награди.
„Подготовките сѐ уште траат, сѐ до почетокот на трката. Останува во сабота да се измаркира патеката по којашто ќе трчаат натпреварувачите, ќе биде маркирана со црвени знаменца и црвено-бели ленти. Ќе имаме прогласување во генерален пласман и по возрасни категории, исто така ќе прогласиме и најмлад и највозрасен учесник“, додава Ивановски.
Трката го задржува форматот од околу 19 километри во должина и 750 метри висинска разлика. Мината година на „Струмина Трејл“ имаше околу 200 учесници од Македонија, Полска, Белгија и Австрија.
Ребека Спасова М-Нет