
Со кршење на славскиот колач, жителите од најстарото кочанско маало се собраа да го одбележат денешниот празник Свети Архангел Михаил. Кај стришанска чешма во Кочани, со црковно – народен собир ја продолжија децениската традиција и го одбележаа празникот кој го сметаат за свој заштитник. Овогодинешниот кум Влатко Симеонов порача традицијата да се негува уште многу години.
„Искрено да ви кажам ова е прекрасен ден наш христијански, Свети Архангел Михаил, чувството е неописливо, посебно за мене како стар стришанчанец и ми е посебно драго што оваа традиција продолжува и ќе продолжи уште многу години понатаму. Времето е депресивно, а и работен ден е ама луѓето се подоготвени за овој ден да дојдат, да се собереме и да го чествуваме овој убав празник.“ – велат граѓаните.
Откако се одржа литургија и скрши славскиот колач се знаеше и кумот за наредната година. Димче Атанасов потекнува од старо стришанско семејство и потенцираше дека овој собир треба да продолжи да се негува во иднина со се поголема масовност и посетеност од страна на граѓаните.
„Па секако ова е голем празник што се чествува кај нас и секако во едно од најстарите маала во Стришани од каде и јас потекнувам. Ми беше огромна чест и задоволство да го прифатам кумството без некаков проблем и ми е чест и задоволство што наредната година ќе продолжи традицијата и се надевам уште многу години понатаму“ – вели кумот.
Овој празник со децении се слави кај стришанска чешма во Кочани, каде граѓаните се собираат и го слават својот заштитник.
Лаура Стојанова М-Нет