СДСМ на прес го обвинува Јорданов за тендерите во ЈП „Исар“; Јорданов: Постапката може да се провери

За кумско-семејна врска во јавните набавки во штипски „Исар“ реагира СДСМ. Во прес-конференција посочија дека во март оваа година фирма, чиј сопственик е дедо на член на Управниот одбор, а кој, пак, е кумашин на градоначалникот, добива вредна јавна набавка од општинското јавно претпријатие. Договорот се однесува на набавка на храна за вработените во износ околу 20.000 евра, известуваат денеска од СДСМ.

„Ова е тој договор за јавна набавка на Јавното претпријатие „Исар“ – Штип вреден 20.000 евра. Фирмата која го има добиено тендерот е во сопственост на Зоранчо Глигоров, на која управител, односно директор е неговата сопруга. Е, сега, зет за ќерка на ова семејство Глигорови е кумашинот на градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Освен што е кумашин на градоначалникот од ДПМНЕ, Методи Јорданов е и член на Управниот одбор на истото претпријатие кое го доделува тендерот“, вели Дарко Каевски, портпарол на СДСМ.

На ова Јорданов во писмено соопштение вели дека лесно може да се види како е водена постапката и дали има нешто незаконито. Потсети и дека кога Бочварски бил градоначалник неговата семејна фирма добивала тендери.

„Очигледно е дека СДС соочени со рекордно нискиот рејтинг кој го имаат, упорно се обидуваат да ја замајуваат јавноста, со надеж дека ќе го ублажат поразот што им претстои. Надлежните институциите ги управуваат тие, наместо манипулирање преку прес-конференции, согласно со Законот за јавни набавки, лесно можат да проверат како е водена постапката и дали има нешто незаконито. Но бидејќи се со кратка меморија, ги потсетуваме да не заборават дека додека министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, беше градоначалник на Општина Штип, неговата семејна фирма „Пелагонија“, добиваше набавки и склучуваше договори за работа во Општината и јавните претпријатија.“ – одговори градоначалникот Јорданов во писменото соопштение .

На прес-конференцијата од СДСМ посочија и на, како што велат, афера во Зрновци, каде директорка преку сметка на основното училиште купила гејмерска столица, хибриден брич и смути блендер.

Ребека Спасова М-Нет