
Со кабастиот отпад општините од Источниот Регион се справуваат со тоа што организираат акции за негово подигање. Јавното комунално претпријатие во Берово, речиси секој месец, а штипското од минатиот, бесплатно го подигаат комуналниот отпад од домовите на граѓаните. Во Штип тоа се случува секоја сабота, а во Берово последната акција била минатиот месец. По претходна најава, граѓаните го изнесуваат отпадот, а комуналците го транспортираат.
„Со кабастиот отпад се справуваме на тој начин што организираме акции неколкупати во текот на месецот или двапати во текот на неделата, зависи, по приградските делови, во реони на градот. Комуналното претпријатие си организира бесплатно подигање на кабаст отпад. На пример, јавуваме на кои улици и кој ден ќе се врши собирање на кабаст отпад, граѓаните си знаат, изнесуваат што е за исфрлање, претпријатието го товари и соодветно го депонира за да не заврши на несакани локации“, вели Катерина Скендерски, инспектор за животна средина во Општина Берово.
Ваквите акции даваат позитивен резултат, односно граѓаните одлично одговараат на ваквите акции кои помагаат кабастиот отпад да не биде одложен на несоодветна локација. Во Берово, вели Скендерски, имаат определена локација и за депонирање на градежниот отпад, а во моментов имаат најмногу градинарски отпад. Сепак, комуналниот отпад и понатаму се одлага на нестандардни депонии. Ваков е случајот и со општина Карбинци, која, пак, за справување со кабастиот отпад бара помош од Штип.
„Во изминатиот период имавме две-три јавувања за собирање градежен отпад, но бидејќи ЈП „Плачковица“ не е во можност и не располага со механизација за собирање таков вид на отпад, луѓето ги упатуваме да комуницираат со ЈП „Исар“ од коешто добиваат насока каде и како да го одложат тој отпад“, вели Елена Коцева, директор на ЈП „Плачковица“ – Карбинци.
Сепак, дел од граѓаните и понатаму продолжуваат со праксата градежен шут, отпад од градините, покуќнина и бела техника да исфрлаат во контејнери или на диви депонии. За вакво одлагање на несоодветни локации, Законот предвидува глоби од 200 евра.
Ребека Спасова М-Нет