Воска до бод во Тетово, Шкупи убедлив, Вардар ја совлада Брера, Гостивар го шокираше шампионот!

Денес беше комплетирано 12. коло од Првата македонска фудбалска лига, откако истото беше отворено вчера во Кратово со ремито без голови (0:0) меѓу Силекс и Брегалница.

Шкупи ја забележа најубедливата победа откако на домашен терен во скопската пресметка со 3:0 го декласираше Работнички. Да Силва беше двоен стрелец за „гулабите“, а во листата на стрелци се запиша и Иссифу како стрелец на вториот гол.

Воска Спорт извлече бод на тешкото гостување во Тетово каде одигра 1:1 со Шкендија, која по овој кикс се спушти на второто место и го препушти лидерското место на Шкупи.

Гостите од Охрид преку Медин Бајрами во 47. минута стигнаа до водство од 0:1, а Аденис Шала во 74. минута израмни на конечни 1:1.

Вардар забележа минимална но голема победа од 1:0 над Брера Струмица, но и понатаму „вардарци“ остануваат на дното од табелата со 11 бодови.

Стрелец на единствениот победнички гол за Вардар беше Азер Омерагиќ кој погоди во 7. минута од натпревар кој се одигра во Маџари на „Борис Трајковски“.

Македонија ЃП остана без три бодови откако во финишот на мечот Тиквеш од пенал израмни на конечни 1:1. Јован Попзлатанов во 33. минута постигна гол за водство од 1:0 на полувреме. Во вториот дел гостинот од Кавадарци се обидуваше да дојде до брзо израмнување, а истото се случи во финишот на мечот, кога Александар Грујоски покажа на белата точка за Тикшве, а пеналот успешно го реализираше Иван Ивановски во 94. минута.

Гостивар на домашен терен го „тресна“ шампионот Струга Трим Лум со 2:1 и забележа голема и важна победа, со што на своето конто додаде три големи бодови.

Домашните до водство дојдоа со мајсторскиот погодок на Кехинде во 36. минута, а во 44. минута Алптер Потук стрелаше за 2:0. Компаоре во вториот дел израмни на конечни 2:1.