
Трибина посветена на борба со ракот на дојката организира Форумот на жени при ОО СДСМ Штип. На трибината која е закажана за денеска ќе зборуваат еминентни лекари, кои ќе ја пренесат пораката за подигнување на свеста за ракот на дојка, за што е потребна рана дијагностика и превенција преку здрави практики за жените во нашето општество.
„Почитувани жени, девојки, наши сограѓанки, по повод розов октомври – месец посветен на превенција и рано детектирање на ракот на дојка, Форумот на жени при Општинската организација на СДСМ – Штип организира едукативна граѓанска трибина. Свои обраќања ќе имаат еминентни доктори од јавното здравство, како д-р Маја Манолева, заменик-министер за здравство, д-р Ален Георѓијев, директор на Клиничка болница – Штип, и доц. д-р Марија Караколевска Илова на ден 24 октомври (вторник), со почеток од 19:00 часот, во просториите на Канал 77“, информираше Ленче Рунтева, претседателка на Форум на жени при ОО СДСМ Штип.
Трибината ќе го вклучи и хуманитарниот аспект, бидејќи собрани финансиски средства ќе се наменат за оние жени кои се лекуваат од ракот на дојка.
„Трибината ќе биде со хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за жените кои се во процес на лекување на ракот на дојка. Форумот на жени и во иднина ќе продолжи да организира вакви едукативни трибини со цел подигање на свеста и поголема грижа за женското здравје“, додава Рунтева.
Светскиот месец посветен на борбата со ракот на дојка во рамки на Форумот на жени беше одбележан и минатата година. Дел од активностите беа розова аукција и трибина за борба и превенција, при што собраните финансиски средства се поделија на жени кои се бореа со болеста. Завршната активност во рамки на розов октомври беше марш низ централното градско подрачје.
Ребека Спасова М-Нет