
Фудбалски активности за најмалите, автограми и дружба со фудбалерите на ФК Брегалница – ова беше дел од забавниот ден, кој Фудбалскиот клуб го организираше во центарот на Штип. Околу 200 – 300 дечиња од основните училишта и фудбалери од младинските лиги беа дел од забавните активности и првпат имаа можност за ваква блиска средба со тимот на Брегалница.
„Денеска за првпат во нашиот град и во нашиот Фудбалски клуб „Брегалница“ се организира „Брегалница – фан деј“, што значи една дружба помеѓу фудбалерите – сениори од нашиот клуб и дечињата од нашиот град. Со тоа сакаме да створиме една интеракција, дружба, кохезија меѓу постарите и помладите генерации кои го сакаат фудбалот и да придонесеме да оствариме една цел со која младите и децата од нашиот град ќе го засакаат спортот и фудбалот воопшто“, вели Горан Стаменков од секторот маркетинг на ФК Брегалница.

За дечињата освен што беше интересно да добијат автограми и фотографии со фудбалерите од тимот на Брегалница, настанот им овозможи и мал тренинг преку забава. Сите имаа можност да шутираат пенали на мали голови, а за најуспешните следуваа и награди.
„Ова беше една мала пробна идеја овој забавен ден да го направиме во центарот на градот, се надевам наредниот пат ќе биде сабота, затоа што одзивот е голем, може да биде и на Градскиот стадион. Вакви активности за децата ќе има сѐ повеќе“, истакна Дарко Митев, координатор за детски лиги.
Вакви настани од сличен тип, велат од ФК Брегалница, планирано е да се организираат и на затворено, но и на Градскиот плоштад и Градскиот стадион.
Ребека Спасова М-Нет