
Викендов, на убавата Пониква во Кочани, новинарите од Источниот Регион ги доделија наградите за најдоброто од Истокот. На истоимената традиционална манифестација беа доделени признанија на петнаесет институции и поединци од разни области на општественото живеење, кои имале свои остварувања од значење за развојот на Источниот Регион. Во тој контекст се обрати и претседателот на Советот при Центарот за развој на Источниот плански регион.
„Во името на моите колеги од Советот на Центарот за развој на Источниот плански регион сакам да ја поздравам оваа манифестација, да кажам дека ова традиционално одбирање на најдоброто од Истокот треба да добие уште еден атрибут – најубавото од Истокот, заради тоа што нашата убава Македонија има многу убави работи, како и ова што го гледаме вечерва тука, околината којашто ќе имате можност да ја погледнете“, истакна Папазов.
Се додели признанието за животно дело, признанијата за најдоброто во здравството, образованието, културата, иновативноста, науката, граѓанскиот активизам, туризмот, солидарноста и хуманоста, стопанството и спортот. Правни и физички лица најдобри во својата област беа дел од добитниците.
„Навистина, ова не е само најдоброто, туку и најубавото од Истокот и многу сум горд што оваа вечер можеме да поделиме 15 признанија на луѓе кои прават исклучително квалитетни и добри нешта за развој на локалните заедници, за развој на регионалната заедница, а преку тоа и за развој на нашата сакана Македонија“, додаде Иван Бојаџиски.
Над стотина гости со бурни аплаузи ги наградија сите кои добија признанија за својата работа во текот на изминативе години. Манифестацијата „Најдоброто од Истокот“ е во организација на Регионалниот центар на новинари „Исток“.
Ребека Спасова М-Нет