Куманово ја доби мега-пресметката со Шкендија Арачиново, три бода за Фотуна и Кадино

Денес беше комплетирано 4. коло од Третата лига – Север со шест натпревари, откако истото беше отворено вчера со победата на Фортуна од 3:1 над БВК Коњаре. Фортуна ја продолжува одличната серија резултати, откако со 3:1 го доби БВК Коњаре. Шаип беше двоен стрелец, а третиот гол беше дело на Муртезани. За гостите единствен стрелец беше Гезим Бакиевски.

Денес гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал М Нет Спорт имаа ексклузивна можност да го проследат мега-дербито меѓу Куманово и Шкендија Арачиново во меч каде и двете екипи атакуваа на трите бодови.

Повеќе од јасно беше дека денешното дерби ќе биде тешко и со притисок и кај двете страни, а од аспект на трите бодови важно и за дете екипи.

Адем Саиди во 12. минута постигна гол за водство на Шкендија Арачиново и ерупција од радост за гостинскиот тим. Првиот дел во Доброшане заврши со предност од 0:1 за гостинот од Арачиново.

Вториот дел донесе брзо израмнување откако Перица Стојановски постигна гол за 1:1 и го врати Куманово во егал борба за целиот плен. Неизвеснота траеше до самиот финиш од мечот, притисокот се зголемуваше, а шансите се редеа и кај едните и кај другите. Гоце Насковски во 82. минута беше херојот за Куманово, откако ја стресе мрежата на противникот за комплетен пресврт и водство на Куманово од 2:1.

Финишот од мечот донесе притисок и нетрпеливост кај играчите, а конечниот резултат од 82. минута стана конечен, со што трите бодови останаа во Куманово.

Еуромилк ГЛ стигна до второ сезонско славје, откако на гостувањето кај Бутел забележа триумф од 1:2. Новајлијата го впиша третиот сезонски пораз, во меч каде единствен стрелец за Бутел беше Трпковски, а пак за гостите стрелаа Сулемани и Крстевски.

Риниа и Аеродром ги поделија бодовите играјќи 1:1 на теренот во Љубин. Гостинот не игра според посакуваното и очекуваното, а денес стигна само до второ сезонско славје и до втор сезонски бод.

Марио Ристовски во 65. минута постигна гол за 0:1, а пак Леутрим Таири во 87. минута постигна гол за израмнување и конечни 1:1.

ССК Нова останува „закована“ на дното без бодови, откако денес го запиша четвртиот сезонски пораз во меч каде Петровец беше подобар со 1:2. Митрев во 28. минута обезбеди предност од 1:0 на полувреме, а во вториот дел гостинот преку Божинов и Зимбаков направи пресврт за триумф од 1:2.

Беса Влазрими со 3:2 славеше над ланскиот второлигаш Пехчево. Ајдини во 35. минута погоди за 1:0 на полувреме, а во вториот дел гостинот направи комплетен пресврт преку Васиќ и Голубов за водство од 1:2. Сепак финишот домашниот состав преку втор гол на Ајдини најпрво израмни во 82. минута, а преку Бајрами во 89. минута направи пресврт за триумф од 3:2.

Кадино со 2:0 славеше над Башкими Љуботен на домашен терен и стигна до второ сезонско славје. Натпреварот беше решен во вториот дел откако Томи Станоевски погоди за 1:0 во 70. минута, а девет минути подоцна Марио Благојевски постигна гол за конечни 2:0.