
Мала финансиска мотивација, иселување, неповолни услови – ова се дел од проблемите со кои наставниците се соочуваат во последниот период. Демотивирани од таа ситуација и младите ретко се одлучуваат за професијата наставник. Ова е ставот на директорката на СОУ „Коле Нехтенин“, инаку професор по Македонски јазик и книжевност, која смета дека со годините сѐ повеќе одиме во погрешна насока.
„Конкретно, за професијата учител, наставник мислам дека во последно време се губи интересот. Вие знаете дека реално се соочуваме со проблемот со иселувањето, белата чума, знаете дека се соочуваме со голем број предизвици, дека немаме учебници, немаме доволно мотивација во однос на финансискиот надоместок на наставникот, меѓутоа ние сме ја одбрале оваа професија и треба да веруваме во неа, бидејќи ако ние не веруваме, одиме во погрешна насока“, истакна Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.
Универзитетската професорка Снежана Мирасчиева посочува дека бројот на студенти на Факултетот за образовни науки е задоволителен, имајќи ги предвид бројките на некои други факултети. Меѓутоа, проблемот, според неа, е што дипломираните студенти заминуваат во странство
„Во услови на инвазија на многу високообразовни институции, па, можеби, е и атрактивна. Со сигурност можам да кажам. Меѓутоа, интересно е што студентите коишто дипломираат на Факултет за образовни науки имаат призната диплома во целиот свет и заради тоа ние се судруваме со недостиг на кадар“, вели Мирасчиева.
Анализата на УНЕСКО покажува дека на светот му недостигаат 44 милиони наставници за едукацијата, навистина, да биде достапна до секое дете. Во последната година недостатокот на наставен кадар е зголемен двојно. Во Европа и Северна Америка, пензионирањето и „недостатокот на интерес за професијата“, значи дека потребни се 4.8 милиони наставници за да се постигне сигурно и квалитетно основно и средно образование.
Ребека Спасова М-Нет