Пациентите од внатрешноста мака мачат за терапија или контрола на Онкологија во Скопје

Психички и физички се малтретираат онколошките пациенти од внатрешноста на државата за да отидат на терапија или контрола во Скопје. Валентина Панева од Штип сведочи за маките кои ги трпи веќе десетина години, одејќи постојано до главниот град, губејќи време, финансии за на крај да се соочи со ситуација да нема терапија и да мора да се врати назад во Штип. Дополнително терапиите се доста болни и исцрпувачи, додава.

„Во поглед на финасиите е истошувачки, ама тоа не е толку важно колку што е важно и психички и физички за самиот пациент. Треба да се организираш, да станеш рано, да фатиш такси или автобус, па од автобуска да се снајдеш до болница, па таму ред невиден. Мислам дека пола Македонија ни е болна. Сето тоа е време губење, малтретирање на пациентот па има случаи кога ја нема терапијата па те вратат.“ – вели Панева.

Од витално значење е секој град во внатрешноста да има онколошки центар, вели Панева. На тој начин пациентите нема да трошат време, пари и пред се да бидат исцрпени додека да отидат на терапија или пак на една обична контрола до главниотград.

„Мислам дека од витално значење е да има во секој град во внатрешноста на државава онколошки центар. За нас пациентите тоа многу би значело, се уште сум пациент, се уште одам на редовни контроли. Овде во Штип имаме онколошки лекари ама една лекарка не е доволна за сите. Зрачењето и третманите во Скопје се уште ги немаме. “ – додава Панева.

Во КБ Штип работи оддел за Онкологија ама услугите се ограничени. Директорот на болницата посочи дека поголем дел од пациентие одат на лекување во Скопје.

„Одделот за Онкологија работи, имаме само еден лекар специјалист, услугите кои ги даваме ние се ограничени. Набавувавме дел од оние хемотерапевтски препарати, се уште главницата од пациентите оди на лекување во Скопје. “ – вели Ѓеорѓијев.

Министерот за здравство Фатмир Меџити по случаите на скопска онкологија истакна дека онколошки центар ќе се отвори во неколку града во државата вклучувајќи го и Штип. Ѓеоргијев ја поддржува идејата ама нема дополнителни информации.

Лаура Стојанова М-Нет