БВК Коњаре го доби дербито со Шкендија, високи победи за Куманово и Беса Влазрими

Дербито од 2. коло од Трета лига – Север меѓу БВК Коњаре и Шкендија Арачиново заврши со минимална победа од 1:0 за домашниот состав.

Гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал М Нет Спорт имаа ексклузивна можност да го проследат големото дерби меѓу двата конкуренти за првото место кое води во баражот за Втора лига.

Капитенот Кристијан Ристовски беше единствен стрелец на голот кој го реши победникот, а беше постигнат во 42. минута.

Фортуна со погодоците на Авдулаи и Етеми славеше победа од 2:0 над некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ, кој сезоната ја отвори со два порази.
Новајлијата Бутел со 3:2 славеше над Аеродром на домашен терен. За домашниот тим погодија Калчев, Урошевски и Караиванов, а за гостите Ристовски и Стојанов.

Фаворитот Куманово лесно прокнижи нови три бодови откако со 3:0 славеше над Петровец со головите на Тасевски, Иљази и Јовановски.

Риниа и ланскиот второлигаш Пехчево Скопје ги поделија бодовите играјќи 2:2. Сите четири погодоци паднаа во првиот дел. За домашниот тим стрелаа Арифи и Мифтари, а за гостите Мехмети и Наков.

ССК Нова на домашен терен доживеа висок пораз од Башкими Љуботен од 0:3, а до победата гостите стигнаа со головите на Јусуфи и двојниот стрелец Мурати.

Беса Влазрими ја забележа највисоката победа во 2. коло, откако “пукна петарда” на домашен терен во победата од 5:0 над некогашниот второлигаш Кадино.

Ајдини стрелаше за 1:0 на полувреме, а во вториот дел Нуредини, Бајрами, Фетаи и Демири погодија за конечни 5:0.