Брегалница загуби во Кавадарци, три бода за Шкендија и Струга, Шкупи сигурен во Охрид

фото: ФК Шкендија

Брегалница не знае да победува на гостински терен, Вардар „закован“ на дното, Марушиќ го има најбрзиот гол во новата сезона, исход од 8. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Брегалница никако да победи на гостински терен, денес „сините“ испуштија две прилики конечно да ја израдуваат „фалангата“ со први бодови на гостински терен, ако е за утеха Брегалница постигна гол на гостински терен, откако загуби со пресврт од Тиквеш со 2:1 во дербито кое се одигра во Кавадарци.

„Сините“ во првиот дел го отворија резултатот за 0:1 преку Андерсон резултат со кој се замина на полувреме. Во вториот дел Тиквеш успеа да го израмни резултатот на 1:1 со гол на Спахиу. Брегалница имаше нова можност да го врати водството со удар од белата точка, но сепак пеналот не беше реализиран, откако Стојан Димовски му го одбрани ударот на Венегас во 69. минута и со тоа немаше промена на резултатот.

Кога нема реализација на шансите доаѓа казната, во финишот Иван Ивановски постигна гол за голема победа на Тиквеш од 2:1.

Шкендија со минимална победа од 1:0 над Македонија Ѓорче Петров на домашен терен прокнижи нови три бодови и со тоа продолжува да „седи“ на врвот од прволигашката табела. Натпреварот го реши Ералд Чинари со гол кој беше постигнат во 59. минута од мечот.

Во Охрид паднаа дури пет погодоци, а трите бодови заминаа за Чаир, откако Шкупи преку пресврт славеше над Воска Спорт со резултат од 2:3. Интересно е тоа што на „Билјанини Извори“ падна најбрзиот гол во новата сезона, откако по 12 секунди игра Алекса Марушиќ погоди и го отвори резултатот за водство на охриѓани од 1:0. Сепак „гулабите“ брзо израмнија преку Сахити на 1:1 во 14. минута, а веќе во 34. минута Феитоза Сампаио постигна гол од пенал за пресврт и водство на Шкупи од 1:2 на полувреме.

На стартот од вториот дел Арби Воша ја стресе мрежата на домаќинот за водство од 1:3, а тоа беше „ладен туш“ за домашните навивачи. Воска Спорт се обидуваше брзо да дојде до нов гол со цел да влезе во борба и за бод. Марушиќ со втор гол од пенал во 84. минута намали на 2:3, а до крајот резултатот не се промени.

Вардар влегува во сериозна резултатска криза откако денес со 0:2 го загуби можеби најважното дерби со Гостивар и со тоа падна на последното место на табелата со 4 бодови на своето конто. Кехинде во 32. минута постигна гол за водство на Гостивар од 0:1, а во финишот од мечот Закпа постигна гол за конечни 0:2 и втор триумф за Гостивар.

Шампионот Струга Трим Лум ја продолжува позитивна серија во однос на меѓусебните дуели со Работнички, откако стружани со минимални 1:0 беа подобри од „романтичарите“ со голот на Беким Камбери.

Брера Струмица и Силекс ги поделија бодовите играјќи реми со по еден гол во мрежата (1:1). Марко Ѓорѓиевски во 25. минута донесе водство за кратовци, а со предност од 0:1 се замина и на полувреме. Во вториот дел струмичани со голот на Димитар Трајков во 76. минута стигна до конечни 1:1.

Што се однесува до табелата Шкендија е на врвот со 16 бодови, еден бод помалку има Шкупи кој е втор, потоа следува Брера со 14 бодови, а по 13 бодови имаат Силекс и Тиквеш. Шампионот Струга е шести со 12 бодови, но има и три натпревари помалку. Работнички со 10 бода е на седмото место, следува Брегалница која е осма со девет бода, па Македонија ЃП со осум бодови, Воска Спорт има седум бодови и се наоѓа на десетото место, Гостивар е претпослден со 6 бодови, а на дното е Вардар со 4 бода.