Осогово до прво славје, Пелистер и Охрид до три бода, “падна” Кожуф, “зариба” Детонит Плачковица

Денес се одиграа натпреварите од 6. коло од Втората лига, а најголемо изненадување се случи во Кочани, Осогово со 3:1 го забележа првиот сезонски триумф над Беласица, натпревар кој гледачите на телевизија М Нет имаа можност да го следат во живо.

“Жетварите” на полувреме имаа водство од 2:0 со головите на Манов и Николовски.

Во вториот дел струмичката гордост намали на 2:1 со голот на Стефан Сулев, на што домашните одговорија со гол на Стоиловски за конечни 3:1.

Гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал М Нет Спорт имаа можност да го проследат мечот во Куманово каде Башкими се “сопна” и одигра 2:2 против Каменица Саса која имаше два гола негатива на полувреме.

Башкими на полувреме имаше 2:0 водство. Сами Аљиљи погоди за 1:0, а новото засилување Бурхам Алији во 41. минута погоди за 2:0 на полувреме.

Во вториот дел “рударите” со головите на Глигоров и Петровски стигнаа до втор сезонски бод, но сега се спуштија на дното од табелата.

Детонит Плачковица целосно “зариба” во Тетово и го доживеа првиот сезонски пораз, откако загуби со високи 4:0 од Тетекс.

Тетекс на полувреме имаше водство од 1:0 против Детонит Плачковица со голот на новото засилување, искусниот напаѓач Марио Станковски. Во вториот дел “штофарите” преку вториот гол на Станковски стигнаа до предност од 2:0, па влегоа во мирна завршница од мечот, која донесе шок за гостите од Радовиш, откако 84. и 99. минута Софијаноски со два гола завери победа од 4:0.

На “Билјанини Извори” се одигра дуелот меѓу Охрид и Скопје каде домашниот тим со минимални 1:0 дојде до нова победа. За новиот тренер Александар Толески ова е трета победа односно има три од три, ако се рачуна и победата во Купот над радовишани.

Првиот дел заврши со чисти мрежи (0:0), без посериозни шанси за гол и без фудбалска атракција, а отпорот на “пиратите” беше скршен со голот на Лео Андрески во 89. минута за конечни 1:0.

Победа и Новаци ремизираа играјќи 1:1. Во Прилеп во првиот дел немаше голови (0:0), а во второто полувреме Филип Димоски го отвори резултатот за водство на домашните. На пет минути пред крајот Антонио Стојковски постигна гол за конечни 1:1.

Беса му го нанесе првиот пораз на лидерот Кожуф, откако дома со 2:0 забележа триумф.

Фаворитот за Прва лига на полувреме имаше гол предност против лидерот од Гевгелија, екипата на Кожуф од минимални 1:0 со голот на Изаир Емини. Во финишот на вториот дел Фитон Адеми биеше за конечни 2:0.

Пелистер им се врати на победите откако на домашен терен со 2:1 славеше над Караорман.

Изненадувањето се случи кога капитенот Ивица Ќелешоски постигна гол за 0:1 по пет минути игра. Христов во 12. минута го израмни резултатот, а Благоја Љамчевски од пенал во 38. минута обезбеди предност од 2:1 за битолчани на полувреме.

Во вториот дел момците на Влатко Костов дојдоа до предност од 3:1 со вториот гол на Христов, а Љамчевски со втор гол ги постави конечните 4:1.

Шпенд Асани е херој за Арсими откако со гол во 58. минута обезбеди три бода во минималната победа од 1:0 над Вардар од Неготино.