
Маските повторно да се вратат во здравствените установи, препорача Комисијата за заразни болести. Денеска на одржаниот состанок Комисијата дискутирала за состојбата со коронавирусот и одлучила до Министерството и министерот Меџити да препорача носење маски во здравствени установи. Засега нема препораки за маски во јавниот превоз и домовите за стари лица и лицата со посебни потреби, а во однос на носењето маски во аптеките, велат, препораката е неформална.
„Комисијата за заразни болести донесе една препорака, којашто се однесува на повторно задолжително користење на маските во здравствените установи. Тоа е со цел да се минимизира можноста за пренесување на заразата во здравствените институции, таму каде што имаме особено вунерабилни групи коишто може да бидат подложни на тешка компликација како резултат на инфекција со Ковид-19. Од тие причини, Комисијата за заразни болести реши повторно да препорача до Министерството за здравство и до министерот задолжително носење на маските во здравствените установи“, истакна Мехмедовиќ.
Во однос на ситуацијата во земјата, бројот на лекови и вакцинацијата, било заклучено дека имаме доволно вакцини и лекови. Од Комисијата апелираат на вакцинација за која се достапни 50.000 вакцини. Посочуваат дека има мал број на случаи на заразени, но не е лесно да се собере инфективниот материјал.
„Од Институтот за јавно здравје добивме информација дека подолго време траела процедурата за собирање на материјалот, бидејќи минатиот месец имало 112 позитивни, потребно е да се соберат релевантни количини на примероци не само од регионот од Скопје, туку и од останатите региони. Во наредниот период, се надеваме брзо, очекуваме да добиеме детални инфромации за тоа колкав е бројот“, додава Мехмедовиќ.
Во моментов, вели Мехмедовиќ, на скопската Инфективна има седум хоспитализирани, кои се повозрасни лица, а некои од нив се и на кислородна поддршка.
Ребека Спасова М-Нет