Течат последните подготовки за вечерва, во функција новата фонтана на Градскиот плоштад во Штип

Течат последните подготовки за вечерашниот концерт „Македонијо, во срце те носиме“ на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип. Концертниот караван започнува од Штип, во 20:00 часот, а истовремено ќе биде промовиран и новиот изглед на Градскиот плоштад, кој денеска се уредуваше од страна на екипите на ЈП „Исар“, а веќе во функција е и новата фонтана.

„Одлучивме во Штип познатите македонски изведувачи, пејачи, настапат и ги испејат познатите македонски патриотски песни. Целта е да се подигне чувството на припадност, да се продолжи македонската традиција, култура, да се истакне нашата песна, она коешто се негира и она коешто во изминативе неколку години не го слушнавме“, вели градоначалникот, Иван Јорданов.

Штипјани се задоволни од новиот изглед на Градскиот плоштад. Повеќето изразија и желба да бидат дел од вечерашниот концерт, за кој е обезбедена и линија во рамки на градскиот превоз.

Инаку, новиот изглед на Градскиот плоштад е во вредност од 3,5 милиони денари, сума без ДДВ, обезбедена од општинскиот буџет. Изведувачот е избран по јавна набавка, а во хортикултурното и партерно уредување на просторот со повеќе зимзелени и нискостеблести садници, промената на урбаната опрема со нови канти за отпадоци, бојадисување на постоечките жардињери и клупи учествуваа двете јавни претпријатија.

Ребека Спасова М-Нет