Детските градинки во Штип ги пречекаа новите дечиња на првиот ден од учебната година

Со детски песни, насмевки и весели стихотворби, беа пречекани и дечињата во детските градинки во Штип. За оние кои првпат стапнуваат во градинката, но и за оние кои таму се враќаат по летниот распуст, беа подготвени пригодни програми со цел полесна адаптација. Директорките на двете градинки во Штип велат дека првиот ден започнал со многу џагор, дел детска смеа, друг дел и со солзи.

„И оваа година како и секој први септември има доста детски насмевки, џагор од игра и смеа, но и од солзи. Се надевам дека нашата адаптација во детските градинки ќе трае што пократко, сите дечиња коишто доаѓаат и се згрижени од нашите објекти ќе бидат пресреќни во сите наши објекти со нивните учителки“, истакна Наташа Мусева, директорка на ЈОУДГ „Астибо“ – Штип.

„По повод први септември, официјалниот почеток на сите дечиња, денес во дворовите на нашите градинки, дечињата од големите групи им приготвија пригодна приредба за да ги расположат, развеселат и да им посакаат добредојде на сите нови дечиња и на дечињата коишто одмараа во текот на летниот распуст. Се надевам дека ќе го поминеме периодот на адаптација во градинката, втор дом за учениците“, вели Ивана Ангеличкова, директорка на ЈОУДГ „Вера Циривири – Трена“.

Годинава сите клонови во рамки на детските градинки се со нешто помал број на дечиња, иако ситуацијата е различна во зависност од клонот и групата. Директорките посочуваат дека иако имаат недостаток на кадар, искористен е секој простор во рамки на законските можности.

„Оваа година имаме одреден намален број на деца во градинките, но сето тоа е поради тоа што не можат сите да бидат згрижени и опфатени, поради нашиот недостиг на персонал. Постојат возрасни групи коишто имаат релативно мал број на деца, додека зголемениот број на деца е онаму каде што има услови за згрижување“, додава Мусева.

„Пополнивме секаде каде што можевме, каде што Законот дозволува. Јаслите од почеток се полни со деца, нема проблем таму, меѓутоа во веќе пополнетите групи се појавува проблемот“, додава Ангеличкова.

Во детската градинка „Астибо“ оваа година ќе бидат згрижени околу 750 дечиња, а бројот е сличен и во детската градинка „Вера Циривири – Трена“. Меѓутоа, многу мал број од нив е новозапишани.

Ребека Спасова М-Нет