Кочанските пензионери на протестен марш излегоа со четири дефинирани барања

Кочанските пензионери денеска излегоа на втор протест со четири точно дефинирани барања. Протестниот марш започна од Паркот на револуцијата, од каде организирано се упатија кон просториите на Здружението на пензионери во Кочани. Таму посочија дека бараат линеарно зголемување на пензиите, утврдување на минимална пензија, бесплатни лекарства и по три метри кубни огревно дрво или надомест за греење на струја.

„Заради лошата состојба во која се доведени пензионерите од Македонија, особено оние со најниските пензии, најниските пензии не овозможуваат минимални услови за егзистенција, ни го овозможуваат основното право на живот. Некои пензионери со минимална пензија не можат да си ги купат основните прехранбени продукти и лекарствата, крајно време е Владата да се погрижи за нас, бидејќи ние имаме право на живот. Вложуваме по 40 години во Фондот и бараме да ни се возврати пристојно. За таа цел, ги поставуваме следните барања: линеарно покачување по 3.500 денари на сите пензионери; најниска пензија да биде минимална плата; по три метри кубни огревно дрво за пензионерите со ниски пензии или надомест за струја за тие пензионери што не се грејат на дрва; бесплатни лекарства за хронично болните пензионери“, вели Моне Ѓоргиев, пензионер од Кочани.

Претходно минималната пензија и минималната плата беа скоро исто, а сега се 2:1, вели пензионер од Кочани. Посочува дека нивното секојдневие е преживување, бидејќи едвај ги покриваат основните трошоци, а не, пак, да си овозможат некој поголем луксуз.

„Ние пензионерите секој месец имаме свои лични трошоци за да опстанеме да живееме. Од 2.000 до 3.000 денари секој дава само за здравство, за лекови, каде ни е огревно дрво, каде ни е храна, а не дај Боже да размислиме, тоа е за нас нешто апсурдно, нешто незамисливо, да размислиме за одмори или некој луксуз да си дозволиме“, вели Орце Давитков, пензионер од Кочани.

Протестот беше организиран на локално ниво, а генералниот протест на пензионерите во земјава е закажан за 14 август во Скопје. На истиот присуство најавија и пензионерите во Кочани.

Ребека Спасова М-Нет