
Граѓаните во Штип во голем број сѐ уште ги немаат променето личните документи кои го содржат името Република Македонија. Анкетата на терен покажува дека дел од граѓаните веќе го имаат сторено тоа, но други сметаат дека до февруари 2024 година има доволно време иако веруваат дека дотогаш ќе има поголеми гужви во Одделот за граѓански работи.
Министерството за внатрешни работи гужвите ги бележи уште во летниот период. Од таму посочуваат дека е факт оти обемот на барања е зголемен, но потенцираат дека застој нема, а се користат сите капацитети.
„Факт е дека во овој летен период се зголемува обемот на барања за вадење лични документи. На состојбата дополнително влијае и назначениот рок за замена на старите лични документи, кои го содржат името Република Македонија, со нови со името на државата Република Северна Македонија, рок што истекува во февруари (12.2.2024) до кога во согласност со законските прописи мора да се променат личните документи (пасоши, лични карти, возачки дозволи), без оглед на роковите на нивната важност. Секој граѓанин може да закаже термин телефонски или електронски, а МВР максимално искористувајќи ги сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи.“, велат од МВР.
Од таму известуваат дека не постои застој во нормалното функционирање – ниту на економскиот оператор, кој за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, а ниту во организациските единици при Одделот за граѓански работи, кои на дневна основа примаат повеќе стотици апликации од граѓани за разните видови лични документи.
Ребека Спасова М-Нет