Истокот го дише чадот од запалените депонии додека ја чека изградбата на регионална депонија

Додека регионов ја чека регионалната депонија во Свети Николе, жителите го дишат чадот од запалените депонии во општините. Со ваков проблем се соочуваат и Штип, Кочани и Виница. Штипската депонија гореше неодамна, а огнот се прошири и на нискостеблестата вегетација на површина од околу 40 хектари. Во Виница, пак, градоначалникот, Миле Петков, посочува, дека во моментов депонијата е стабилизирана. Иако беше третирана со алги, по тоа краткорочно решение, повторно се забележани палења.

„Тоа првично даде големи резултати и депонијата беше стабилизирана, меѓутоа тоа е краткорочно решение. Факт е дека по третирањето на депонијата со алги, имаше повторно палење на депонијата поради големата количина на отпад складирана на депонијата. Поради согорувањето на метанот доаѓа до самозапалување, а, најверојатно, и поради палење на депонијата од страна на физички лица. Моментално, депонијата е стабилизирана“, вели Петков.

Стабилизирана е и депонијата во кочанско Бели, велат од КЈП „Водовод“. Таму жителите веќе протестираа заради палењето на депонијата, а неодамна испраќаа и видеа на кои се гледа како депонијата гори. Во Кочани ќе се одлага и отпадот од Виница кога ќе се затвори депонијата во виничко Лески.

„Во тек е реализација на проект за затворање на депониите во Источниот и Североисточниот Регион. Ние веќе ја затворивме депонијата во село Блатец, додека во тек се активности и за затворање на депонијата во село Истибање. Моментално на депонијата во село Лески има стационирано градежна механизација која го собира отпадот од село Истибање и го распоредува. Во исто време врши затрупување на отпадот со земја. Според договорот којшто е во рамките на овој проект, по затворањето на депонијата кај село Лески, отпадот ќе се транспортира во Кочани, на депонијата кај село Бели“, додава Петков.

Во меѓувреме, општините од двата региона ги затвораат своите депонии. Карбинци, на пример, веќе ја заврши постапката, а отпадот го депонира на депонијата во Штип. На неодамна одржаниот состанок во Министерството за животна средина и просторно планирање, Петков вели дека било кажано оти јавната набавка за регионалната депонија ќе се распише до крајот на годинава.

„Според најавите коишто беа кажани, се очекува дека до крајот на годината може да се распише јавна набавка за изградба на регионалната депонија, а со тоа и за претоварните станици во двата региона“, вели Петков.

Инаку, регионалната депонија во светиниколско Мечкуевци треба да биде готова до 2026 година, а на документацијата се работи повеќе од десет години. Во Источниот Регион претоварни станици ќе има во Берово, Македонска Каменица, Кочани и Штип, а во Североисточниот Регион во Куманово и во Ранковце.

Ребека Спасова М-Нет