Колку е квалитетна водата за пиење во Штип?

Веќе година и половина Штип се снабдува со вода за пиење од ХС Злетовица. За разлика од претходно кога се преработуваше бунарската вода сега се преработува површинска вода која доаѓа до домаќинставата во градот. Ама и покрај фактот дека станува збор за различни технологии и начини на преработка, сепак водата за пиење е согласно правилникот за безбедност, односно е квалитетна за пиење, тврдат од филтер станица каде впрочем се преработува водата. Велат дека оваа преработка е согласно највисоките европски стандарди и нема простор за загриженост кај граѓаните.

„Сите параметри кои треба да го задоволуваат критериумот вода за пиење се во соодветни граници кои се дозволени така што водата е безбедна за пиење. Споредбено водата од бунарскиот систем се преработуваше по различна технологија од преработката на површинската вода со која во моментот работиме. Се работи за два различни видови на водоснабдување, бунарската вода е подземна вода, површинската е со друга технологија ама и бунарската и водата од ХС Злетовица се со квалитет по согласност на правилникот за безбедност, а се разликуваат по вкус затоа што е различен извор и различна вода.“ – вели Глигорова.

За квалитетот на водата за пиење во Штип сведочат и големиот број анализи кои се прават во лабораториите во Штип ама и во овластените институции, односно центар за јавно здравје Скопје. Граѓаните ако забележат промени во водата за пиење или постои сомнеж за нејзиниот квалитет може да се обратат до надлежните за да се испита истата.

„Контролата и мониторингот се вршат во текот на 24 часа. Освен контрола се врши испитување и во нашата лабораторија, а контрола се врши се и во овластените институции. Месечено се прават по 30 до 35 испитувања“ – додава Глигорова.

Инаку на температури околу 40 степен потрошувачката на вода во Штип е зголемена, ама залихи на вода има и нема рестрикции. Максималната потрошувачка измерена во попладневните часови е 200 литри во секунда.

Лаура Стојанова М-Нет