Како животните во ЗОО Паркот Бриони во Штип се прилагодуваат на високите дневни температури?

Постојана промена на водата за пиење, разладување на живеалиштата, посебна грижа за животните во ЗОО паркот Бриони во Штип. Високите дневни темератури влијаат и врз самите животни, па како кај луѓето посебна грижа овој период мора да има и за нив. Одговорните лица во зоолошката градина во Штип велат дека на ова се мислело уште кога се градела зоолошката, па најголем дел од живеалиштата се поставени под сенка и тоа придонесува полесно да се справат со високите дневни темератури. Дополнително има ветеринар кој е вработен и води грижа за животните, ги посетува наутро и навечер и внимава на нив.

„Уште кога се градеше зоолошката градина ние внимававме живеалиштата да бидат под сенка. Сега полесно се справувавме со високите дневни температури. Постојано вршиме замена на водата, се прскаат живеалиштата се намалува темературата во нив и немаме проблем со тоа. Исто така имаме ветеринар кој е вработен тука и тој работи наутро и попладне за да внимава на животните.“ – вели Стефановски.

За мајмунчињата Луна и Лука ова е прво лето кое ќе го поминат во ЗОО паркот Бриони. Ама Стефановски вели нема простор за грижа бидејќи и тие идентично како и сите останати животни си имаат живеалиште под сенка кое постојано се разладува. Таква беше сликата на терен и денеска. Кога станува збор за храна пак, идентична е како и во текот на целата година, само летно време се внимава животните да јадат повеќе зелена и свежа храна.

„Исто како и змото и летото се хранат со иста храна, само внимаваме летниот период повеќе да користат зелена храна, посвежа храна. Имаме да, прво лето е за мајмуните и за нив нема проблем тие се во крошните, во сенките на дрвата и немаме никаков проблем“ – додава Стефановски.

Во меѓувреме ЗОО паркот Бриони во Штип постојано се надополнува со нови жители со кој преставува вистинска атракција и место за уживање на сите категории граѓани. Во летниот период посетеноста е најголема за време на викендот, а во останатите денови во периодот по 18 часот.

Лаура Стојанова М-Нет