Ковачевски: Императив е Источниот Регион да има нова Клиничка болница во Штип

Императив е Штип и околните градови да добијат нова Клиничка болница, вели премиерот Ковачевски. На прашањето дали може да зборуваме за рок во кој би го имале објектот во функција, Ковачевски вели дека обврска на Владата е во најитни рокови да направи проект којшто ќе биде реализиран.

„На состанок помеѓу сите надлежни институции, тука мислам од Јавно правобранителство до надлежните министерства и институциите коишто се вклучени во оценката на спроведувањето на процедурата на јавните набавки, Владата донесе законска одлука врз основа на која ги задолжи Министерството за здравство и Министерството за финансии и другите институции по најинти постапки да се направи ревизија на проектот и веднаш да се отпочне постапка за изнаоѓање на изведувач којшто ќе ја доврши Клиничката болница во Штип“, вели Ковачевски.

Грешките од минатото во кои се вклучени компании кои на крај завршиле по судови, вели Ковачевски, не смее да се повторат.

„Прво мора да ја видиме суштината на проблемот. Тој објект е започнат одамна со избран изведувач, којшто има подизведувачи, со кои се случува судски спор, банкротирање на дел од компаниите и заради тоа објектот не се гради. Во меѓувреме заради инфлацијата на градежните материјали, напредокот и техниката за проектот биле исцрпени законски можности за продолжување“, додава Ковачевски.

„Проект на изведена состојба“, односно пресек на досега изведените работи треба да се изврши во рок од 42 дена, а нова тендерска документација и објавена јавна набавка треба да има во рок од 30 дена по направениот пресек.

Ребека Спасова М-Нет