
Штипјани го чувствуваат чадот од градската депонија што ветерот го разнесе низ градот. Трештена скала повторно гори. Според директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков, во моментов екипи се на лице место и реагираат за локализирање на пожарот, а ќе се утврди и причината за палењето.
„Да, веќе во соработка со Противпожарната единица и ЈП „Исар“ се на лице место на самата депонија, да ја видеме ситуацијата колку е алармантна и согласно со фактичката состојба ќе делуваме за да се спречи ширење на пожарот, а дополнително ќе утврдиме која е причината за палењето на депонијата“, истакна директорот Зајков.
Командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев, посочува дека не станува збор за голем пожар, што значи дека пожарникарите би можеле да се справат со него за кратко време. На прашањето дали истиот е пријавен во полиција, Коцев одговори дека тоа не е нивна надлежност.
„Пожарот не е голем, но со ветерот веќе се чувствува овде мирис, но мислам дека за кратко време ќе биде санирана градската депонија со нашите возила и ќе биде пожарот изгаснат“, истакна командирот Коцев.
Градската депонија не се пали за првпат. Минатата година овој период во еден месец беше интервенирано најмалку трипати. Пожарите беа пријавени во СВР Штип, бидејќи сомнежите беа дека се подметнати од страна на непознати сторители.
Ребека Спасова М-Нет