
„Моето тело е надвор, но мојата душа е во мојата родна земја“, вака уметникот и штипјанец Драган Гелев зборува за тоа како е да се вратиш повторно дома и да изложиш свои ликовни дела. Во Швајцарија уметност сам за себе развива веќе 16 години, а од скоро делата се достапни и за поширока публика, бидејќи ги изложува во Базел, Цирих, ама и во Македонија.
„Таму затоа што жена ми живее таму, јас веќе 16 години сум во брак, жена ми е инаку трета генерација којашто живее во Швајцарија. Така патот, така судбината одлучила. Уметноста таму си ја развивам сам, функционирам сам и таму и овде, но во вакви моменти функционирам во групи со високи професионалци“, вели Гелев.
Сепак, тој афинитети за цртање имал уште од основното образование, но своите дела никогаш не ги изложил. За уметноста вели дека е животна филозофија, поглед на светот и можност да го оставиш своето видување на моментумот во кој дишеш.
„Јас во Штип порано сакав да се бавам со еден друг вид на уметност, цел живот бев член на драмското студио во Штип на Симеон Гаврилов, веќе со децении познато во Штип. Вака со цртањето, си цртав за себе скоро цел живот, од основно, Гимназија до ден-денес. До пред неколку години тоа не го изложував јавно, ниту мислев дека е нешто посебно, а и ден-денес мислам дека не е нешто посебно кое јас смеам да си земам за право да го изложувам“, додава Гелев.
Иако од скоро неговите дела може да се видат физички, тој веќе долго време е присутен на социјалните мрежи. Вели дека тие може и тоа како добро и паметно да се искористат, а нему особено му помогнале во стекнувањето контакти со други луѓе.
„Јас имам само позитивно искуство од тоа, бидејќи мене самиот Инстаграм профил ми е отворен од друг со цел да ги презентирам своите дела. Тој свет беше непознат за мене. Но, еве, преку тој Инстаграм дојде до интервјуа по Кина, Лондон, Цирих, Белград, Македонија. Мене ми е целта што повеќе луѓе да ја видат мојата, ако смеам, пак ќе повторам, да ја наречам, уметност“, посочува Гелев.
На Гелев инспирација му се многу македонски и светски сликари, а неговите дела се претежно апстрактни слики.
„Јас сум фан на апстрактното сликарство, но најмногу на акционото сликарство. Го сакам моментот, ја сакам емоцијата. Во моментот огромен фан сум на македонските сликари, еве, ќе ги набројам Никола Иванов Балтон, кој е исто штипјанец, Мазев, од светските на Пикасо и други апстрактни сликари“, заклучува Гелев.
Неговата девиза е дека уметноста мора да ја практикуваш со многу вложување и уште повеќе љубов. Вели дека тоа е нешто што бара откажување од многу работи, но на крајот од денот важна е топлината на душата која ја носи.
Ребека Спасова М-Нет