Ивановски: Покачување на цената на струјата ќе има, а дневна тарифа, најверојатно, не годинава

Цената на струјата за наредните шест месеца треба да се знае до 30 јуни. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги има сите неопходни податоци за да ја донесе одлуката откако ЕСМ достави понуда на тендерот. Надлежните изминативе денови излегоа со изјави во кои велат дека не очекуваат зголемување на цената, но, според економистот Глигор Ивановски, тоа е неизбежно само прашање е колкав ќе биде процентот.

„Електричната енергија не ја произведуваат сите. Сега со овие воведувања на фотоволтаични панели има производители, но тие се зависни од системот на дистрибуција со кој располагаат и ЕВН и другите, така што тие може да имаат производство на електрична енергија, ама ако нема кој да им ја прифати во моментот кога е произведена, таа ќе оди во воздухот. Ова се крупни работи околу цената, јас пак ќе повторам, сметам дека таа ќе расне, но целта е тој пораст да не биде енормен, да не дојде до намалување на приходите на населението, да биде тоа некој разумен пораст, 3-6%, над тоа веќе ќе биде осетно зголемување“, вели Ивановски.

Во однос на вовеедувањето на дневната евтина тарифа, Ивановски вели дека, веројатно, нема да ја добиеме до крајот на годинава. Истата според најавите на Регулаторна, требаше да ја имаме од 1 јули, ама сега се вели дека е потребно време за да се наместат броилата во домаќинствата.

„Ние сме сведоци, еве, сега се води една кампања, акција да се воведе повторно дневната евтина тарифа од 14 до 16 часот, меѓутоа воведувањето на таа евтина тарифа значи дека некои од учесниците во тој ланец на производство и дистрибуција на електрична енергија треба да се откаже со еден дел од својот профит. Меѓутоа, според мене, нема бргу да дојде, можеби и до нова година не треба да очекуваме дека ќе дојде до воведување на таа дневна евтина тарифа“, додава Ивановски.

Инаку, АД ЕСМ достави цена пониска за 5,35%, но иако од неа најмногу зависи колкави ќе бидат сметките на граѓаните во следните шест месеца, сепак во вкупната цена влегуваат и други параметри, како што се цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, како и ДДВ-то кое од 1 јули повторно ќе изнесува 18 отсто, наместо досегашните 10 отсто. Преносниот систем МЕПСО достави барање за зголемување на цената на преносот за 50%, а Електродистрибуција побара зголемување на цената за делот на дистрибуцијата за околу 30%.

Ребека Спасова М-Нет