Ковачевски и Бочварски ги доделија клучевите од социјалните станови на 28 семејства во Виница

Вкупно 28 семејства од ранливи категории ги добија клучевите од социјалните станови во Виница. Ним денеска им ги врачија премиерот, Димитар Ковачевски, и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Ковачевски потенцираше дека радоста на семејствата била и нивна радост, а посочи дека во изминативе четири години се изградени над 800 социјални станови, за шест години, во периодот од 2011 од 2016 година, биле израдени околу 600.

„Во фокусот на нашето делување се и ранливите категории граѓани за кои предвидовме изградба на социјални станови низ целата држава преку Програмата за ранливи категории на граѓани. Овде во Виница инвестираме над 1,2 милиони евра во овој нов објект. Становите се со површина од 36 до 50 м2 и се наменети за деца над 18 години без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост, социјално загрозени, како и самохрани родители со малолетни деца. Обезбедуваме пристоен живот и достоинство, бидејќи секој човек е важен“, истакна Ковачевски.

Бочварски додаде дека постапката за распределба на становите била транспарентна, отворена и достапна за сите граѓани. Комисијата која ја водела таа постапка била составена од тимови од Центарот за социјални работи, Министерството за транспорт и врски и Министерството за труд и социјална политика.

„Сакам на сите вас да ви посакам добро здравје, да доживеете уште многу вакви и среќни моменти во вашите нови домови. Нашето заедничко присуство денеска со претседателот на Владата, покажува дека Владата е тука за граѓаните. Бројките покажуваат дека се движиме во правилна насока. Само во изминатите години реализиравме изградба на над 860 социјални станови, што е огромен и најголем успех досега во станбената политика во државата. Веќе следната недела планираме да направиме ист ваков пречек во социјалната зграда во Свети Николе, каде што ќе бидат доделени клучевите и на граѓаните од Свети Николе“, истакна Бочварски.

Бочварски посочи дека во изминатиов период во Источниот Регион беа доделени клучевите од социјалните станови во Пробиштип, а во завршна фаза е изградбата на социјалната зграда во Кочани. Подготовки за изградба има и во други општини.

Ребека Спасова М-Нет